Нема нови случаи на коронавирус во Македонија. Ова го потврди министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на националниот форум за здравје кој се одржува денеска во хотелот „Александар Палас“. Засега останува заразено само едно лице, 50-годишна скопјанка која што се вратила од Милано.
Министерот Филипче рече дека вчера дошле уште две лица, и дека кај едното 1/3 од тестот е позитивен, но тоа не значи дека има коронавирус. Кај неа се прават дополнителни испитувања.
„Пациентката која е хоспитализирана на инфективната клиника се чувствува добро. Исконтактирани се во текот на вечерта сите патници кои биле со неа, и кај сите е препишана соодветна изолација, во домашни услови, и тоа е организирано со МВР. Направен е контакт со сите контакти кои ги имале патниците по враќањето. Доброто е што скоро сите укажуваат дека немале контакт со голема маса, туку само со семејствата во куќите и во дворовите. На сите ќе им биде назначена изолација, засега во домашни услови, а потоа ако треба и во соодветните медицински установи“, рече Филипче и додаде:
„Дојдоа уште двајца луѓе во текот на вчерашниот ден, еден возач на камион кој поминал низ Северна Италија, и тестот е негативен. Дојде и една пациентка која била со својот сопруг на прошетка во Рим. Кај нејзе тестот 1/3 е позитивен, што може да биде присуство на некој друг вирус, и во моментов се прават дополнителни испитувања. Подетални информации ќе добиете подоцна на прес-конференција“, вели Филипче.