Доктор Игор Николов, претседател на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека наместо ветеното покачување на платата, ќе добијат бонус од 5%. Ова денес е уште едно во низата поигрувања со здравствениот кадар со кој и онака кубуриме, рече Николов.

– Здравствените работници наместо ветеното реално покачување на платата, ќе добијат, бонус од 5 проценти, нагласувам 5%. Пред КОВИД, за време на КОВИД кризата ветувањата беа секојдневни. Денес сме сведоци дека било само лага до лага. За лекар специјалист, ветуваа плата 100 илјади денари основна. За медицинарите кои работат во КОВИД центрите ветуваа, инфективен додаток. За специјализантите ветуваа, платени дежурства и вработување. Ветувањето беше дека од март платата ќе биде покачена за 5%, и нема да биде само еднократен бонус. Ова денес е уште едно во низата поигрувања со здравствениот кадар со кој и онака кубуриме. Зарем вака, со благодарници од Лекарската комора и неостварени ветувања и лаги му се заблагодарувате на медицинскиот кадар?!, вели Николов.

Тој го праша министерот Филипче дали се сеќава ли што рекол кога завршувал најсмртоносниот трет бран од КОВИД-19? Ветувавте покачување на платите на сите вработени во здравството за 5%. И повторно лагите излегоа на виделина. Било додаток, односно бонус, посочи Николов.

– Со лагите за платите во здравството, покусо не останува ниту премиерот, Зоран Заев. Тој уште во втората половина на 2020-та година за оваа тековна 2021 вети покачување од 10 проценти на платите на здравствените работници. Тогаш Заев рече: „Следната година 2021 следува покачување на платите во здравството за 10%“. Прашуваме, до кога со лаги?! Вам, не ви е грижа за оние кои на своите плеќи го понесоа товарот на КОВИД кризата. На нив им дадовте ливче во форма на Благодарница во соработка со претседателката на Лекарска комора за која има решение од Антикорупциска за судир на интереси. Лекарите и оние кои што го чуваат здравјето на граѓаните не бараат премногу. Бараат да бидат еднакво вреднувани и ценети, како оние кои што ја чуваат и делат правдата во земјата. Не ви доликува, за едните бонус од 5% а за другите покачување на платата од 15%. Тоа не ви поминува! Лекарската комора продолжува да молчи и дели благодарници, синдикатот молчи и обезбедува кредит за своите членови. Навистина е доста од хипокризија, вели Николов.