Бројот на заразени со коронавирус во Њу Делхи може да достигне над половина милион лица до крајот на следниот месец, а градот нема доволно болници за да се избори со таква епидемија, изјави денеска заменик шефот на градската управа Маниш Сисодиа.

Предупредувањето доаѓа во момент кога луѓето се борат да дојдат до болнички кревет во главниот град на Индија, а некои луѓе починале пред влезовите на медицинските центри кои одбиваат да ги примат.

Сисодиа тврди дека се потребни на располагање 80.000 кревети, а моментниот капацитет изнесува околу 9.000.

-За Њу Делхи е тоа голем проблем, доколку бројот на случаите продолжи да се зголемува, нагласи тој.

И покрај рестриктивните мерки воведени во март за 1,3 милијарди жители, болеста во Индија се шири по една од најголемите стапки во светот, додека земјата се обидува повторно да ја придвижи економијата.

Досега бројот на заразени со Ковид-19 изнесува 266.598 лица, што е петти најголем број во светот и се заканува да ја надмине велика Британија во следните неколку дена.