Француската влада на 24 јануари ги потврди првите случаи на заразени со коронавирус. Од 1 март па се досега починаа речиси 25 000 луѓе. Соочувајќи се со ваквите поразителни статистики, една француска болница повтори тестови на стари примероци на пациенти што боледувале од пневмонија и откри дека еден од нив имал коронавирус, а се лекувал во болницата во декември минатата година.

Ив Коен, шеф на болницата во северен Париз, за ​​телевизијата БФМ изјави дека научниците го повториле тестирањето на примероци од 24 пациенти третирани во декември и јануари, а кои биле негативни на грипот. -„Секој примерок беше повторно тестиран за да се елиминира можноста од грешка“, посочи тој.

Според него се уште е рано да се каже дали пациентот чиј тест на примерок од 27 декември бил позитивен е францускиот нулта пациент.

„Сопругата на пациентот, кој е излекуван, работела во близина на штанд со суши во близина до колеги со кинеско потекло“, рече Коен и додаде дека можно е таа да била асимптоматски носител на болеста.

„Сепак, не е познато дали овие луѓе отпатувале за Кина и тоа треба да го испитаат локалните институции“, додаде тој.