Од 1 март оваа година матичните лекари нема да смеат да издаваат рецепти со специјалистички извештаи постари од 1 март 2020 година. Во моментов се уште важат специјалистичките извештаи кои имаат датуми не постари од 1 декември 2019, така што бројот на закажани термини за специјалистички преглед не е голем.
Ваквата одлука на Фондот за здравствено осигурување се очекува да ги наполни специјалистичките ординации во јавното здравство, со оглед на фактот дека откако се прогласи пандемијата со коронавирусот сите термини кои беа закажани преку системот Мој Термин беа откажани.
Претседателката на здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова во изјава за електронските медиуми посочи дека пациентите се оние кои ќе бидат најоштетени поради ваквите непотребни и нагли одлуки на ФЗОМ. Според доктор Чолакова оваа одлука ќе доведе до зголемени гужви и непотребни турканици на клиниките.
Промените кои ги носи Фондот за здравствено осигурување на Македонија се достапни на нивната веб страница на интернет. Докторката објаснува дека пациентите се уште не се доволно информирани за настанатите промени кои ФЗОМ ги прави, па во случајов доколку им е истечен датумот на специјалистичкиот извештај дознаваат дури откако ќе дојдат кај матичниот лекар.