Министерството за здравство на Србија од денеска воведе нови правила за македонските државјани кои само ќе транзититраат низ територијата на државата. Тие посочуваат дека нема да биде потребно да се приложи негативен резултат од направен ПЦР-тест.

Доколку македонските државјани планираат да претстојуваат во Србија и натаму ќе мораат да приложат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа. Но доколку само се минува низ земјата, македонските државјани ќе имаат најпрво ограничен транзит од 12 часа од моментот на поминување на границата и само во тој случај нема да биде потребен ПЦР-тест.

Во Уредбата објавена во Службен весник, а која се применува од денес, се наведува дека Република Македонија, Бугарија, Романија и Хрватска се сметаат за ризични земји.

Условот за влез во Србија не се однесува на странски државјани при вршење меѓународен превоз, за преземање или растовар на стока или за превоз на лица, кога станува збор за екипажи на камиони, автобуси, возови или товарни бродови. Влегувањето во Србија автоматски се дозволува на граѓани од соседните земји од пограничните подрачја кои вршат земјоделска работа и имаат земјоделско земјиште во Србија, но се должни да имаат доказ за сопственост на земјоделското земјиште или изјава на сопственикот на земјиштето дека лицето врши земјоделски работи.