Вчера вечер на гостување во вестите на една од нашите тв куќи, претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски посочи дека во моментов немаме никаков значаен притисок врз здравствениот систем. Иако бројот на случаи со Ковид-19 рапидно расте, до болница стигнуваат малку луѓе и уште помал процент од нив имаат тежок тек на болеста. Имајќи предвид дека притисокот врз нашиот здравствен систем не е сериозен, не планираме да правиме затегнување на мерките.
Петличковски истакна дека веројатно и поради сериозен удел на веќе стекнатиот имунитет со вакцини и прележана болест, клиничката слика која е поврзана со оваа нова варијанта на Ковид-19 не е тешка и оттука бројот на сериозни случаи, бројот на смртни случаи е многу низок. Тоа ни дава за право, посочи тој, да очекуваме дека во следните месеци ќе треба и ќе можеме да живееме со короната, да ја прифатиме како слични болести сезонски, ендемски и да се обидеме животот да го вратиме во нормала.
На прашање дали се набавени најнови лекови против Ковид-19 кои се применуваат во светски рамки и дали имаме доволно стручен кадар кој би се грижел за евентуална ситуација да се наполнат болниците, тој рече дека секогаш може да биде подобро.
– Во моментов се уште сме на дискусии, односно на планови за набавување на новите лекови како „Паксловид“ на пример, како антителата кои се ефикасни со омикрон инфекциите, но се уште ги немаме. За жал тие тендерски процедури, набавки, не одат лесно и брзо. Ние имаме план за количина и вид на лекови кои се покажани дека многу ефикасно делуваат во спречување на компликации кај ризичните групи. Знам дека постапката е во тек. Не знам точно кога би стигнале, но очекувам во рамките на еден месец да бидат достапни тие лекарства, рече д-р Петличковски.
Во однос на стручниот кадар појасни дека не е многу променето од времето кога интензивно се полнеа болниците, но тоа што е различно е дека сега имаат извлечено некакви искуства, дека малку повеќе ги имаат прифатено и повеќе ги следат насоките за лекување и смета дека подобро ќе одговорат.
На прашање кога последен пат е променет протоколот за лекување и третирање на пациенти со Ковид-19, рече дека последната верзија за која знае е од мај-јуни и во неа не се вклучени последните лекарства одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).
– На претпоследниот состанок имавме договор со колегите од Инфективната клиника да направат пресек на тоа што во моментот е актуелен пристап и очекувам да го апдејтираме, појасни д-р Петличковски.