Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, соопшти дека до Институтот за јавно здравје во текот на денот треба да пристигне примерок за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Пациентот е од Кичево, во добра здравствена состојба и нема потреба од хоспитализација, посочи Петличковски.

-Пациентот е лоциран. Контактиран е од надлежниот епидемиолог во Битола и првичната епидемиолошка анкета е завршена. Имаме достапни тестови и во ИЈЗ треба да имаме одговор дали се работи за мајмунски сипаници, рече во својата изјава за една од македонските телевизии Петличковски.

Пациентот од Кичево пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунски сипаници. Претседателот на КЗБ додаде дека се направени првични лабораториски анализи, а Комисијата попладнево ќе одржи состанок за состојбата со мајмунските сипаници.