Од сомнителните случаи ќе се зема брис од нос и од грло исто како и за грип, кој ќе се става во специјален раствор. За 2 до 3 часа ќе има резултат дали некој е заразен со корона вирусот или не.

Со скафандери (заштитни одела), маски ФФП3, штитници за лице (или очила), но и заштита на главата и на нозете ќе бидат обезбедени лекарите и лаборантите кои ќе го откриваат смртоносниот корона вирус, кој досега однесе 500 животи, а зарази околу 25.000 лица.

Плусинфо имаше ексклузивна можност да ѕирне во оваа лабораторија на Институтот за јавно здравје на РСМ, со која раководи доц. д-р Голубинка Бошевска, микробиолог, која нѐ пречека со кинески чај кој со задоволство го испивме во една од просториите на одделот каде вообичаено циркулираат најразновидни микроорганизми – од вирусот на грип, морбили, но и на МЕРС, како и блиски „роднини“ на веќе озлогласениот, најновиот корона вирус!

За секоја постапка од процесот на дијагностика има специјализиран простор и специјализирани средства за заштита.

Возбудата дека токму во оваа лабораторија ќе се открива овој вирус меѓу вработените се чувствува речиси на секој чекор, особено откако првата пратка со 500 тестови синоќа пристигна во земјава.

– Потврдениот случај на заразен со корона вирус би бил важен, не само за лекување на пациентот, туку и за преземање мерки за спречување на ширење на заболувањето. Мерките на безбедност во лабораторијата се исти како и за работа со грип и овие заштитни средства ги користиме и при работа и со друг високо инфективен материјал. Геномот на вирусот е веќе познат и затоа се достапни и реагенси за детекција (тестови) – вели д-р Бошевска, која освен началничка на Лабораторијата за  вирусологија и за молекуларна дијагностика, е и насловен професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Не сите коишто ќе кивнат ќе се тестираат за корона!

За тоа кој во нашата земја ќе се тестира со тестовите за корона вирусот – дали сите кои ќе почнат да кашлаат и имаат зголемена температура, д-р Бошевска појаснува:

– Секако не! СЗО има дефиниција на случај: Сомнителен случај е секое лице кое доаѓа од Кина со сериозна акутна респираторна инфекција (треска, кашлица и има потреба од прием во болница) и има историја на патување или престој во Кина во текот на 14 дена пред почетокот на симптомите. Или лице со акутни респираторни заболувања и ако во текот на 14 дена пред почетокот на симптомите имало контакт со потврден случај на инфекција од 2019 година со корона вирус (nCoV), или доколку работело во или престојувалo во здравствена установа каде што се лекувале пациенти со потврдена или веројатна акутна респираторна болест, корона вирус. Доколку се работи за случај кој ја исполнува дефиницијата на СЗО, а тоа ќе го одредат специјалистите инфектолози и епидемиолози, тие лица ќе бидат тестирани за корона вирус – објаснува доц. д-р Бошевска.

Доц. д-р Голубинка Бошевска

Материјалот за дијагностика на новиот вирус е назофарингеален брис (брис од нос и грло, исто како и за грип), кој се става во специјален раствор.

Под лупа нуклеинската киселина на вирусот, резултатот за 2-3 часа!

А како ќе се дијагностицира вирусот – дали можеби ќе се гледа под микроскоп или преку апаратот?

– Ќе се работи полимерно верижна реакција во реално време (молекуларна дијагностика) и ќе се детектира нуклеинската киселина на вирусот. За 2 до 3 часа ќе имаме резултат дали некој е заразен со корона вирусот или не – нагласува д-р Бошевска и додава дека сепак првите случаи ќе мора да ги испраќаме за потврда во Берлин.

– Согласно препораките на СЗО, потребно е првите 10 негативни и пет позитивни резултати да се испратат на потврда во некоја од референтните лаборатории. Нашата лабораторија има договор за соработка со лабораторија во Берлин. Транспортот на пратката е во организација на ИЈЗ и со поддршка на СЗО. Инаку, да потсетиме дека нашата лабораторија за вирусологија во Институтот за јавно здравје е акредитирана од страна на СЗО како Национален центар за инфлуенца. И лабораторијата ги има сите човечки капацитети и други ресурси за одговор на ваков висок патоген кој се пренесува по респираторен пат. Имаме целосна поддршка во активностите и од СЗО, Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) и од Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) од Америка – нагласува д-р Бошевска, чиј несебичен професионален ангажман во изминатите десетина години е исто така заслужен што оваа лабораторија стана и Национален центар за инфлуенца.

Тимот којшто, меѓу другите најразлични вируси и бактерии, ќе го открива и најновиот смртоносен корона вирус, го сочинуваат шестмина вработени од лабораторијата и целиот тим од секторот епидемиологија. А долгочекуваните тестови што стасаа се и за скрининг и за потврда на вирусот корона.

Подготвена и Листата за приправност

Директорот на Институтот, доц. д-р Шабан Мемети, веќе подготви Листа на лица за приправност достапни 24 часа. А ИЈЗ е во континуирана приправност, ако се земе предвид дека е постојано на „првата линија“ за детекција, следење, како и препорачување на мерки за превенција и заштита. До неодамна беше актуелна дијагностика на морбилите, а од декември почна сезоната на грип, а сега еве новиот корона вирус тропа на порти. Дел сме од Европа и од светот, па очекуваме вирусот да пристигне и во нашата држава. Се подготвуваме да го „пречекаме“ и затоа и мерките на безбедност се засилени, а засилена е и соработката со сите други институции во државата, но и со регионот, особено со соседните држави – тврди д-р Бошевска.

Во оваа лабораторија во ИЈЗ, како резултат на сезоната на грип тековно се следи и дијагностицира грипот, но се испитува присуство и на други вируси од групата корона.

– Кај примероците кои пристигнуваат од болниците за пациенти со тешка клиничка слика, а негативни за грип, задолжително се прават проширени испитувања и на други респираторни вируси, меѓу кои и на корона вируси (коронавирус ХКУ1, коронавирус ОЦ43, коронавирус 229E, коронавирус НЛ63) кои вообичаено предизвикуваат инфекции кај луѓето слични на грип. Лаборатоrијата за вирусологија има капацитети и за детекција на МЕРС корона и е акредитирана и за оваа дијагностика – додава д-р  Бошевска.