Зголемен е бројот на пациенти заболени од грип. Ова го покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје, кои посочуваат дека минатата недела се регистрирани 109 заболени. Најмногу случаи има пријавено во Скопје, а најмалку во Дебар. Оваа сезона од примероците земени за анализа сѐ уште лабораториски не е изолиран вирусот, но во Европа циркулира грип од типот А и Б.
Матичните доктори, пак, велат дека на терен не може да се забележи зголемениот број заболени од грип и посочуваат дека деновиве најчести пациенти им се хронично болните, децата и повозрасните со алергиски реакции, како резултат на зголемената загаденост на воздухот во овој период од годината.
Како и во изминатите сезони, докторите посочуваат дека врвот на активноста на вирусот на сезонскиот грип се очекува во февруари, а вакцинацијата во овој период, ноември и декември, треба да обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока.
Докторката Лилија Чолакова-Дервишова вели дека поради благите температури во ноември и почетокот на декември има зголемен развој на вируси или настинки. Грипот, според неа, сѐ уште е во мирување, односно нема зголемен број такви пациенти за да се сигнализира состојбата.
– Доаѓаат пациенти со течење секрет од нос, со болки во грлото, кашлање и со покачена блага температура. Тоа се симптоми на настинка или, пак, на вирусна состојба. Иако податоците од Институтот за јавно здравје забележале пораст на случаите од грип, ние на терен не гледаме пораст. Сѐ уште е рано, ќе видиме и како ќе се одрази и вакцинацијата. Препорачувам слоевито облекување и примање соодветна доза витамини – објаснува докторката Чолакова-Дервишова.
Директорот на детската болница „Козле“, вели дека во моментов во болницата се хоспитализирани над 70 деца. Посочува дека капацитетот на болницата е околу 80 легла.
– Овој период имаме пациенти со очекувана патологија од типот ларингитис, опструкција и пневмонија. Тимот на детската болницата е на врвот на својата задача. Родителите треба да знаат дека здравата исхрана, витаминизирањето и физичката активност, прошетките на места богати со кислород и чист воздух се превентивата што може да им помогне на дечињата посочуваат докторите од болницата.
Епидемиолозите, пак, истакнуваат дека најдобра заштита од грипот е вакцинацијата. Велат дека првично обезбедените бесплатни 28.000 дози за децата и за преостанатите ризични групи се потрошиле, а дополнителната донација во земјава треба да стигне идната недела. Очекуваат дополнителни дози бесплатни вакцини.
Според епидемиолозите, минатата сезона беше тешка. Починаа 29 лица од компликации од грип, а над 20.000 граѓани беа болни.