Србија се соочува со недостиг на млеко. Викендов жителите на Врање ја искористија близината на граничниот премин со Македонија, па според информациите кои ги пренесоа српските медиуми, дојдоа во Македонија и си купуваа млеко. Иако млекото е поскапо за десет динари ( пет денари), го има доволно во маркетите, па српските жители започнале да прават залихи од Македонија, во изјава за медиумите вели вработена во српски ланец на маркети.
Како што пренесуваат српските медиуми, свежо млеко сè уште нема и во најснабдените маркети во Врање, нема ниту стерилизирани млеко, само повремено на некои маркети може да се најде пакување, кое, како што велат продавачите, „набрзина се разграбува“.
Многу жители на Врање кои имаа можност, викендов купувале млеко во соседна Македонија или роднини и познаници на минување им носеле залихи на млеко.
– На мојата роднина и донесов неколку пакети затоа што пред да дојдеме на гости ми кажа дека овде нема млеко. Колку што знам во Скопје го има доволно и чудно ми е затоа што претежно тоа е млеко од Босна и Херцеговина или Србија, посочила потрошувачка од Скопје за еден српски медиум и додала дека нема забележано оти луѓето во паника прават залихи и оцени дека луѓето што тоа го прават во Србија создаваат дополнителни проблеми.