Акцијата за спасување на 12-те деца и нивниот фудбалски тренер, кои две недели се заробени во пештера во Тајланд, започна утрово, соопштија властите.

Операцијата трае повеќе од пет часа и во моментов нуркачите според очекувањата веќе би требало да се стигнати до групата и да се подготвуваат да го извлекуваат првото и најсилно дете на површината.

  • Денеска е „денот-Д“. Утринава во 10 часот, 13 странски нуркачи тргнаа за да ги извадат децата заедно со 5 припадници од специјалните нуркачки единици на Тајланд, изјавил поранешниот гувернер на провинцијата, Наронгсак Осотанакорн, кој ја предводи спасувачката акција.

Првото дете се очекува да биде извадено на површината околу 21 часот по локално време, односно 15 часот по македонско време. Сепак, Осотанакорн предупредува дека операцијата нема „временско ограничување“ и дека акцијата може да трае и неколку дена, или да биде стопирана во секој момент.

Австралиски доктор, кој е дел од спасувачката операција, синоќа го проверил здравјето на децата и дал дозвола за почеток на спасувачката акција.

Кинескиот нуркач Гонг Хуи, кој е вклучен во акцијата која привлече повеќе од 130 тајландски и светски нуркачи, за Ројтерс изјавил дека нивото на водата во пештерата, пред новите врнежи кои се очекуваат, било „многу опаднато“ откако преку испумпување биле извадени милиони литри вода. Според информациите, на искусен возрасен човек му се потребни околу 11 часа за да стигне до местото каде што се наоѓаат децата и да се врати назад.

За да излезат децата ќе мораат да нуркаат низ неколку темни и тесни премини, кои на неколку места се широки помалку од 60 сантиметри и претставувале проблем дури и за најискусните нуркачи од светот.

Поранешен припадник на тајландските нуркачки специјални сили загина во четвртокот од задушување, откако доставил кислород во пештерата.

На Фејсбук страната на нуркачките специјални сили од Тајланд, беше објавена слика од тројца нуркачи кои се држат за раце пред самиот почеток на акцијата.

12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер беа исчезнати од 23-ти јуни откако тргнале на екскурзија по фудбалски тренинг. Беа откриени пред пет дена од група британски нуркачи.