Владата и Министерството за образование и наука да ја преиспитаат одлуката второто полугодие за основното и средното образование да почне на 1 февруари, пред сè, поради сериозната епидемиолошка состојба во земјата, побара денеска Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК), со предлог да се размислува за алтернативно решение за изведување на наставата, барем во првите две недели од почетокот на второто полугодие.
Јаким Неделков, претседателот на СОНК, вели дека во време на висок процент на заразени и минусни температури, не се сигурни дека Владата донела исправна одлука за начинот на одржување на наставата во второто полугодие.
– Затоа бараме алтернативно изведување на наставата, па потоа да се види каква ќе биде епидемиолошката состојба. Првично предлагаме наставата две недели од февруари да се одвива онлајн. Наставниците се веќе обучени, на учениците им е познат начинот на функционирање. Знаеме дека тој начин е потежок, но засега е побезбеден – додава претседателот на СОНК.
Владата на вчерашната седница, по препорака на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, донесе одлука второто полугодие да започне на 1 февруари со физичко присуство и согласно протоколите за заштита од коронавирусот.
На 17 јануари годинава Владата одлучи да се одложи почетокот на второто полугодие, кое требаше да стартува на 20 јануари. Утврди и дека учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин, односно на 10 јуни 2022.