Доаѓањето на бебето на овој свет предизвикува ерупција од емоции. Чувствата често се менуваат – од еуфорија и радост, до анксиозност и сомнежи. Повеќето нови мајки доживуваат ролеркостер од емоции, како и вина што не се радосни цело време што донеле на свет потполно здраво дете. Турбулентните чувства се појавуваат неколку дена по породувањето и можат да траат и до 2 недели. Меѓутоа, доколку ваквата состојба се влоши и трае со месеци – станува збор за постпородилна депресија. Во продолжение прочитајте што значи постпородилната депресија, кои се нејзините симптоми и дали постои лек.
Постпородилна депресија не одразува карактерни особини на новопечените мајки. Станува збор за компликација која настанува после породувањето. Како што би ја третирале секоја физичка компликација поврзана со нашето тело по породувањето, треба да обрнеме внимание и на нашата ментална состојба. Овде нема место за срам, ниту пак за двоуми. Едноставно, потребна е помош во одредени случаи, за да може мајката да се поврзе со новороденото дете.
Симптомите на постпородилна депресија можат да варираатми тие се движат од благи до сериозни:
- Депресивно расположение или чести промени во расположението
- Тешкотии при поврзувањето со новороденото дете
- Оддалечување од семејството и пријателите
- Губење апетит или зголемен апетит
- Несоница или голема желба за спиење
- Замор и недостаток на енергија
- Незаинтересираност за активности во кои претходно сте уживале
- Зголемена раздразливост и интензивен гнев
- Страв дека не сте добра мајка
- Чувство на беспомошност
- Чувство на безвредност, срам или вина
- Тешкотии во концентрирањето, размислувањето и донесувањето одлуки
- Немир
- Анксиозност и панични напади
- Мисли за нанесување повреди на себе или на бебето
- Повремено размислување за смрт или самоубиство
Постпородилната депресија може да влијае на способноста на мајката да се грижи за своето дете. Првите симптоми најчесто се појавуваат неколку недели по породувањето, но можат да се појават и порано – за време на бременоста, или подоцна – до 1-вата година на детето. Доколку не се реагира на време, постпородилната депресија може да потрае со месеци, па и повеќе. Многу жени чувствуваат вина и срам доколку почувствуваат симптоми на постпородилна депресија. Доколку вие сами чувствувате вакви симптоми, веднаш посетете го вашиот доктор. Многу е важно што поскоро да се обратите кај својот доктор доколку:
- Симптомите траат подолго од 2 недели
- Симптомите се влошуваат
- Симптомите ја нарушуваат вашата способност да се грижите за вашето новороденче
- Не можете да ги извршувате секојдневните обврски
- Имате мисли за нанесување повреди на себе или на вашето дете
Како причина за постпородилна депресија може да се сметаат физичките промени и емоционалните проблеми. По породувањето доаѓа до нагло опаѓање на нивото на хормони во телото, што може да доведе до појава на постпородилна депресија. Покрај тоа, кога слабо спиете и сте преморени, тешко можете да се справите дури и со најмалите проблеми. Се појавува анксиозност дека не знаете сами да се грижите за своето бебе. По породувањето може да се чувствувате и помалку привлечни, да имате чувство дека ја губите контролата над својот живот и идентитет. Сите овие причини можат да допринесат за појава на постпородилна депресија.
Доколку чувствувате кој било од овие симптоми, а интензитетот со недели не се намалува, задолжително консултирајте се со доктор. Доколку пред бременоста сте имале депресивни епизоди, советувајте се со психијатар за можната превенција на постпородилната депресија. Нема причина да чувствувате вина, бидејќи никој не е имун на постпородилна депресија, па дури ни татковците. Побарајте помош од експерт и почнете да уживате во среќното детство на вашето малечко.