Четири нови јапонски грант проекти за подобрување на условите од областа на едукација, здравство и јавните услуги во земјава беа потпишани вечерва од јапонската амбасадорка Кеико Ханеда и македонските претставници во Скопје. Вкупно се одобрени десет проекти од Јапонија од кои шест се потпишани лани и веќе се имплементираат, а целта е да се подобрат основните човекови потреби во нашата земја.
Новопотпишаните проекти се наменети за подобрување на условите во градинката „Мајски Цвет“ во Битола преку реконструкција на покривот во објектот градинка „Коца Василева“ во вредност од 60 илјади евра, подобрување на училишната средина во основните училишта „Кирил и Методиј“ во Прилеп во вредност од 57 илјади евра, во училиштето „Алија Авдовиќ“ во село Батинци во Општина Студеничани во вредност од 57 илјади евра и во училиштето „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричане во вредност од 52 илјади евра.
Амбасодорката на Јапонија, Кеико Ханеда на денешното потпишување на овие проекти истакна дека со ова уште еднаш се потврдува силното пријателство и посветеноста на Јапонија во поддршката на социоекономските напори за реформи и за европска интеграција на нашата држава.
– Годинава успеавме да направиме десет нови грант проекти со нашите партнери од различни региони. Од 1996 година изведовме 148 проекти благодарение на владата, локална самоуправа и јавните установи на Северна Македонија, јапонскиот народ е среќен како пријател на вашата земја дека ќе имате придобивки од сите овие проекти. Јапонија ќе продолжи да ги поддржува вашите реформи и напори, а јас ќе направам се што е во моја моќ да го зајакнам нашето пријателство, рече амбасадорката.
Според министерот за здравство, Венко Филипче кој присуствуваше на церемонијата, со години наназад, близу 15 години здравствениот сектор добива многу значајна поддршка од Амбасадата и народот на Јапонија.
-Една добра карактеристика на целата оваа помош која со години наназад стигнува од Амбасадата на Јапонија е тоа што е многу добро селектирана и многу добро служи на намената. Служи на една група експерти, служи на пациенти, служи на широко население кое покрива здравствени услуги во град, регион или помало место, и една карактеристика што циркулира и ние здравствените работници многу често ја спомнуваме е дека се што е донирано од јапонската амбасада се уште функционира, додаде Филипче.
Јапонија, како што потенцира вечерва и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, е земја која останува една од најголемите надворешни пријатели на нашата земја, и која континуирано ја поддржува државата во заложбите за нејзин развој и просперитет, преку подобрување на условите и состојбите во многу општествени сфери и сегменти.
-Денешниот настан е потврда за тоа, денеска Јапонија повторно преку свое дипломатско претставништво а во рамки на долгогодишна грант, програма за финансирање на мали проекти за човековата безбедност им помага на училиштата, здравствените институции, локални самоуправи да обезбедат подобри услови и можности за крајните корисници на нивните услуги, рече Адеми подвлекувајќи дека преку оваа програма се дава посебно внимание на македонското образование и на подобрувањето на условите на училиштата.
Во суштина, посочи Адеми, унапредувањето на образовната инфраструктура и на квалитетот на наставата во основните и средните училишта е врвен приоритет на Министерството за образование и наука.
Останатите шест проекти кои се потпишаа во ноември и декември се проектите за подобрување на основните јавни услуги на општина Градско, подобрување на медицинската средина на ЈЗУ Здравствен дом Кратово, обезбедување на комунално возило на Општина Маврово Ростуше, комунално возило на Општина Пробиштип и подобрување на медицинското опкружување на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје.