Препораките на Агенцијата за харана и ветеринарство за да се спречи евентуална појава на труење со храна се да се направи правилен избор и набавка на храната, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната.
АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна (месо, млеко, јајца,…) да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.
Меѓу препораките е и храната добро да се зготви, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови. Супите и гулашите треба да вријат на најмалку 70 степени, а при печењето месо и месо од живина, сокот не смее да биде розеникав, туку мора да биде бистар.
Мајонез, свежи слатки, млеко, месо: Според Агенцијата, посебно внимание треба да се обрне при купувањето мајонез, масло, свежи слатки, млеко и млечни производи, месо и месни производи, риба,…
– Овие производи претставуваат голем ризик за здравјето на потрошувачите ако се купуваат на отворени пазари, без обезбедени соодветни услови. Овие производи треба да се чуваат на соодветни температурни услови, пропишани од производителот, да бидат заштитени од загадување и од топлотни влијанија и да бидат соодветно спакувани. Доколку затекнете на пазарите вакви производи за кои не се обезбедени соодветни услови за чување и продажба, немојте да ги купувате, наведува АХВ.
При купување, пак, градинарски производи (овошје и зеленчук), треба да се бираат плодови кои се неоштетени и со органолептички особини својствени за производот. Свежите градинарски производи e најдобро да ги миете со потопување во млака вода, а потоа подолго да ги плакнете под проточна вода, препорачува АХВ.
Сладолед: Еден од најчесто консумираните производи во лето е секако сладоледот. Како што посочува директорот на АХВ Бабовски, граѓаните треба да бидат многу внимателни од каде купуваат сладолед, а треба да обрнат и внимание на личната хигиена на оние кои продаваат, ракуваат или го послужуваат сладоледот.
– Се препорачува потрошувачите да обрнат внимание и на разладниот уред во кој се чува сладоледот. Ако купуваат конфекциониран (пакуван) сладолед, да го прочитаат означувањето и посебно да внимаваат на рокот на употреба. Задолжително пред консумирањето, треба да се провери и изгледот, мирисот и вкусот на сладоледот, дециден е Бабовски.
До Одделението за заштита на потрошувачите во АХВ од почетокот на годинава досега се поднесени 12 претставки поврзани со наводи за сомнеж за труење со храна. Пет се во постапување. Од претставките по кои е постапено, вкупно седум, три се неосновани. Три од пријавените сомнежи на труење со храна како претставки, се исто така пријавени и преку епидемиолошките служби на центрите за јавно здравство.
Бабовски информира и дека е во тек спроведување истрага за сомнеж за труење со храна во детско одморалиште каде кујната е затворена и запечатена со лента, а издадено е решение со времена забрана за вршење дејност „производство на храна“ и наредба за отстранување на констатираните недостатоци со контролата.
– Во тек е и постапка по сомнеж за труење во ресторан во внатрешноста на државава. Кујната во ресторанот каде била подготвена храната беше затворена, но, сите брисеви и земени мостри од храна одговараат на Правилникот за микробиолошки критериуми, поради што забраната е укината, нагласува Бабовски.