На целата територија на Општина Маврово и Ростуше строго се почитуваат заклучоците за заштита од коронавирусот, донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија, а капацитети со кои располага се ставаат на располагање за соседните општини Дебар и Центар Жупа, информираа од општината.
Искажуваат голема благодарност до сите сопственици на кафетерии и ресторани за почитувањето на мерката која беше донесена од страна на Владата, која забранува целосна работа на кафетерии, ресторани, барови и спортски обложувалници на неопределено време.
-Уште еднаш се потврди дека нашиот народ покрај тоа што е чесен, мирен и трудољубив, исто така максимално ги почитува законите и сите државни институции и воедно дава свој придонес во справување и со оваа криза која ја погоди и нашата држава, посочуваат од Општина Маврово и Ростуше во објавата на официјалниот веб сајт на општината.
Воедно, се додава, дека сите капацитети се ставаат на располагање на соседните општини кои се погодени од коронавирусот.
-На нашите братски општини Центар Жупа и Дебар им укажуваме дека нашата општина со сите свои капацитети им стои на располагање, додека на граѓаните од двете општини им посакуваме што поскоро завршување на оваа ситуација.Јавното здравје е заедничка одговорност. Од нас зависи!, стои во објавата на Општина Маврово и Ростуше.