Претстојнава седмица се очекува Главниот кризен штаб да ги одобри новите препораки на Комисијата за заразни болести, а Владата на седница да ги усвои. Комисијата препорача учениците од основните училишта да бидат ослободени од задолжително носење заштитни маски, а мерката да остане да важи за наставниците и техничкиот персонал.
Покрај ова, на состанок во средата Комисијата препорача и капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри и кина, да се зголеми од 50 на 75 проценти и да се укинат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.
Од Комисијата за заразни болести соопштија дека мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба и доколку таа се влоши и се зголеми ризикот, може повторно во сила да се вратат истите мерки.
Фокусот е на вакцинирањето и нејзино рекламирање, како најдобар начин и клучна алатка за справување со пандемијата. Според претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски, дава резултати праќањето СМС-пораки до граѓаните со кои тие се потсетуваат за корисноста од вакцината и затоа, рече тој, на тоа ќе се насочат интензивно – најпрво кон луѓето што се во поголем ризик, а потоа и кон сите што примиле втора доза доколку оттогаш поминало подолго време.