Прилепскиот кризен штаб денеска побара од Главниот кризен штаб, Владата и Комисијата за заразни болести заострување на мерките на целата територија на општина Прилеп. Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп цел месец е втор град со новозаразени, по Скопје. Граѓаните се неодговорни, се групираат, а голем број ги кријат контактите. Само денеска во Прилеп се регистрирани нови 44 заболени, а бројот на активни случаи изнесува 805.
-Од тие причини, Општинскиот кризен штаб бара од Главниот кризен штаб, од Владата и Комисијата за заразни болести, заострување на мерките кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. Полицискиот час, кој сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот изутрина, да започнува во 19 часот и да трае до 05:00 наутро. Ваквата мерка да трае наредните две до три недели, затоа што во тој период очекуваме овој таканаречен трет бран на пандемијата да го достигне својот пик, изјави градоначалникот Јовановски.
Како резултат на ваквата загрижувачка состојба со коронавирусот, Општинскиот кризен штаб донесе заклучок со кој се редуцира јавниот превоз. Од утре, автобусите на јавниот превоз ќе собраќаат до 18 часот и во помал број.
Во Општата болница во Прилеп се хоспитализирани 89 лица, од кои 77 се на кислородна поддршка. Само за едно деноноќие, за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а починале 5 лица. Директорката на Градската болница „Борка Талески“, Кети Смилеска посочи дека ќе се отвори петти ковид оддел, а за една недела во функција треба да биде ставена модуларната болница со 35 легла.
– Во моментов има слободни 28 легла во другите одделенија. Медицинскиот кадар максимално е ставен на располагање, но го повторувам апелот до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да може колку-толку да го штедиме медицинскиот персонал кој работи на крајот на своите сили, изјави Смилеска.
Директорка на Центарот за јавно здравје, Драгица Николоска, пак посочи дека епидемиолошката слика во градот е тешка. Доминира британскиот сој на вирусот, бројот на новозаразени пораснал за 25 проценти, а бројките и натаму ќе растат. Дури 60 проценти од тестираните се позитивни. Само последната недела, од 8 до 14 март, бројот на новозаразени е 379. За една недела починале 14 лица, а од почетокот на пандемијата се 284, изјави Николоска.
Наскоро се очекува Центарот за јавно здравје да започне со тестирања во својата лабораторија.
-Реорганизиран е просторот во микробиолошката лабараторија во Центарот за јавно здравје. Комплетно е опремена молекуларната лабораторија со опрема и кадар и би започнала со тестирање на ковид-позитивни пациенти и суспектни на Ковид. Во крајна фаза е тендерската постапка за набавка на реагенси. Инаку, за еден ден се прават од 100 до 130 тестови, не само во Центарот за јавно здравје, туку и на инфективното одделение во болницата и брзите тестови во Здравствениот дом. Штом ќе почнат да се правата тестирањата во Центарот, ќе се прават и оние за патување во странство, објасни Николоска.