Во текот на вчерашниот ден во Македонија пристигнаа 500-те илјади вакцини што Владата ги набави од кинескиот производител „Синовак“. Со оваа пратка ќе се вакцинираат значителен број граѓани со што ќе се забрза процесот на постигнување на колективен имунитет, посочи државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски.

– Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19 и на хоспитализирани граѓани за што говори фактот дека сите ковид-центри низ државата се празни, а малиот број хоспитализирани пациенти е на Инфективната клиника, истакна државната секретарка за здравство.

Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо порача дека вакцините се најмоќното оружје за надминување на епидемијата и посочи дека вакцината „Синовак“ е одобрена од Светската здравствена организација. Во Кина, како што рече, се употребени над 1,1 милијарди дози и се вакцинираат луѓе на возраст од 3 до 100 години.

Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за пратката на вакцини, и најави дека неделава значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава. За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче посочи дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.

Светската здравствена организација во јуни ја одобри Синовак за итна употреба. Резултатите од ефикасноста на вакцината Синовак покажаа дека ја спречува симптоматската болест кај 51 процент од вакцинираните како и хоспитализација во 100 проценти од случаите. Сепак, Европската агенција за лекови досега не одобри вакцини произведени во Кина. Кина нејзините главни вакцини ги извезува во многу земји, особено во Латинска Америка, Азија и Африка.