Приватните специјализантите по стоматологија упатија отворено писмо до премиерот Ковачевски во кое тие посочуваат дека се жртви на нередовна исплата на средства, кои им се загарантирани согласно потпишан договор со Стоматолошкиот Клинички Центар “Св. Пантелејмон”.
Во продолжение истото го пренесуваме во целост:
– Ние како Специјализанти по Стоматологија ви се обраќаме за да бидеме слушнати бидејќи се соочуваме со сурово одбивање и игнорирање од повисоките институции. Жртви сме на нередовна исплата на средства за кои имаме апсолутно право, согласно потпишан договор во кој е наведено дека Стоматолошкиот Клинички Центар “Св. Пантелејмон” ќе врши исплата на истите во времетраење на целата специјализација. Прекинувањето на исплатата беше направено без никакво официјално соопштение и оправдение.
Ние како специјализанти нашиот труд го даваме со обезбедување на професионални услуги кон пациентите во Стоматолошкиот Клинички Центар “Св. Пантелејмон” согласно нашиот договор со Универзитетот и Клиниката.
Првично не радуваше фактот дека после повеќе обиди успеавме да се избориме за соодветна исплата како специјализанти/доктори која што е и пракса во секоја земја членка на Европската Унија, насока на која се стремиме и ние како држава да поставиме слични стандарди. Изминатите два месеци наместо да бидеме фокусирани на нашата дејност, повеќе колеги вршеа административни работи за да се надмине овој проблем и се трудеа да бидат “мост” меѓу соодветните институции (Стоматолошка Клиника, ФОНД, Министерство за Здравство).
За ажурирање на нашите податоци како специјализанти, има соодветни одговорни лица кои примаат плата за нивната работа. Нивните пропусти не смеат да се одразуваат негативно во однос на нашата клиничка работа и нашата исплата. Нашата работа како специјализанти/доктори е на клиника со пациенти.
Има специјализанти кои имаат прекинат работен однос за да обавуваат специјализација и не примаат никакви други средства освен специјализантската плата, а со зголемувањето на инфлацијата и трошоците дали некој се прашува како тие доктори врзуваат крај со крај без никакви други примања?! Дали е ова начинот со кој државата сака своите доктори и специјалисти да ги зачува во земјата?!
Овој проблем кој наводно не треба ни да постои, може многу лесно да се поправи, меѓутоа треба малку волја и поттик. Затоа ние како специјализанти по стоматологија, одлучивме да ви го пратиме ова отворено писмо со надеж дека ќе успееме да најдеме разбирање од ваша страна и ќе ни излезете во пресрет.
Нашата професија е хумана, ние сме академски граѓани, доктори и заслужуваме подобар третман од институциите.