Лекарите од Општата болница во Масачусетс објавија дека успешно ја извршиле првата трансплантација на бубрег од генетски модифицирана свиња на човек. Пациентот е 67-годишниот Рик Слејман од Вејмут, Масачусетс, кому му бил дијагностициран краен стадиум на бубрежна болест, јавува „Си-ен-ен“. Но, ова не му била прва трансплантација на бубрег на пациентот.
Слејман го добил својот претходен бубрег од маж во 2018 година, но тој почнал да покажува знаци на откажување пет години подоцна, па продолжил со дијализа во 2023 година. Кога минатата година му бил дијагностициран краен стадиум на бубрежна болест, лекарите му предложиле да добие свински бубрег.
„Сметав дека тоа не е само начин да ми се помогне, туку и начин да им даде надеж на илјадниците луѓе на кои им е потребна трансплантација за да преживеат“, рече Слејман.
Д-р Тацуо Каваи, директор на Центарот за клиничка толеранција на трансплантација и хирург кој ја изврши операцијата, рече дека органот е со големина на човечки бубрег. Кога трансплантацијата била завршена, бубрегот веднаш „поцрвенел“ и почнал да произведува урина, по што следел аплауз од членовите на тимот во операционата сала.
На прес-конференција, лекарите соопштија дека Слејман добро закрепнува и дека се очекува наскоро да биде отпуштен од болница. Да потсетиме, ова е трета трансплантација на свински орган на човек. Првите две беа срца трансплантирани на живи пациенти на кои им снемало други опции за трансплантација, но и двајцата пациенти починале неколку недели по операцијата.
Трансплантираниот бубрег е од свиња која била генетски модифицирана од страна на компанијата „eGenesis“ за да биде покомпатибилна со луѓето.
„Оваа успешна процедура најавува нова ера во медицината, во која недостигот на органи веќе нема да биде најголемата бариера за трансплантации и во која ќе ја реализираме нашата визија да нема веќе пациенти кои ќе умираат чекајќи орган“, рече извршниот директор на eGenesis, Мајкл Кертис.
Потребата за органи е далеку поголема од расположливиот број, па затоа секој ден во САД умираат 17 луѓе чекајќи орган. Според Мрежата за набавка и трансплантација на органи, минатата година во САД биле трансплантирани околу 27.000 бубрези, но на листата на чекање биле речиси 89.000 луѓе.
Експертите веруваат дека ксенотрансплантацијата, или трансплантација од животни на луѓе, може да биде клучот за решавање на проблемот со недостигот на донорски органи.