Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, оствари работна средба со претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) Благоја Ралповски.
Оваа прва работна средба од ваков тип е значајна од повеќе аспекти, а посебно од аспект на унапредување на социјалниот дијалог со цел подобрување на работничките права.
Конфедерацијата на слободни синдикати во која се здружени 11 грански синдикати е значаен претставник на работниците членови на овој синдикат и токму затоа е важно да се слушнат нивните размисли како да се подобри социјалниот дијалог и структурата на комуникација со институцијата под чија капа се кројат најголемиот број закони кои ги засегаат работниците.
Министерката Мизрахи и претседателот на КСС Ралповски ја искористија можноста на оваа работна средба автентично да се информираат за барањата на синдикатот, да поразговараат за економската и социјалната сигурност на работниците, за заштитата и унапредувањето на работничките права во функција на пристоен животен стандард, но и навремени и достоинствени плати за работниците.
Стана збор и за гарантирањето на минималната плата, која не е доволно само да се зголеми туку и да се исплатува во целост. Исто така, се потенцираше дека е значајна здравата работна средина, но и побезбедни работни места, развојот на демократијата, социјалната правда и солидарноста .
Токму затоа значајно е поттикнување и развивање на конструктивни односи помеѓу социјалните партнери, синдикатите, Владата и работодавачите, како и развивање на социјалниот дијалог и социјалното партнерство, но и поттикнување и унапредување на колективното договарање на сите нивоа.