Родот речиси уништен. Скоро 80% од бостанот скапува по нивите, а земјоделците најверојатно ќе останат со празен џеб, зашто пласманот бил катастрофален, се жалат производителите на лубеници. Тоа за министерот за земјоделство не било точно. Тој уште еднаш рече дека проблеми нема. Во изминатава една недела, вели, биле откупени околу 1.000 тони бостан.
И додека надлежните и натаму тврдат дека со бостанот нема никаков проблем, родот скапува по нивите или на откупните центри, Сликата од терен е алармантна. Производителите на лубеници се жалат дека мака мачат со откупот. Велат дека заработка речиси и да нема, зашто цената за килограм била многу ниска. Прстот го вперуваат во ресорниот министер, кој како што велат, не мрднал ни со прст, а камо да им помогне.
Опозицијата го потсети министерот дека сегашната власт имала увезено шест и пол илјади тона бостан, а извезено само две и пол илјади тона, што директно влијаело на ниската откупна цена. Потсетија и дека во 2016 година од земјава биле извезени 11.000 тона бостан.
Слабиот откуп и климатските промени освен бостанот, да скапуваат ги оставија и доматите, краставиците, пиперките, тутунот и житото,откако невремето во струмичкиот и битолскиот регион го уништи родот.
Проценители се на терен и деновиве ќе се знае точно колкави се штетите. Оваа сезона за земјоделците е завршена. Убедени се дека ќе останат со празни раце, додека министерот од својот кабинет, вели дека штетите не биле толку алармантни.