Пред четири години го изгубил видот, но во последнава година дознал дека и правдата е слепа. Поранешниот рудар Дејан Златинов од Пробиштип по експлозија во јамата на рудникот Злетово остана без очи. Иако, како што вели неговата повреда нема цена, тој три години е по судските ходници за да го добие осигурувањето од полисата што за неговата повреда е еден и пол милион денари, а осигурителната компанија досега му исплатила само 20 проценти од парите
„Фирмата во целост не плаќала на осигурителната компанија, но договорот меѓу фирмата и компанијата не е прекинат“, вели Дејан Златинов – поранешен рудар
Но во текот на постапката, осигурителната компанија од стечајната маса наплаќа уште 570.000 илјади денари, за што Златинов добива известување од стечајниот управник. Но иако добила пари осигурителната компанија до денес не му платила ниту денар повеќе од првичната сума.
„Во 2016 година пуштиле пари, но на мене ми немаат преведено пари. Од мај 2016 до сега, речиси три години, не ми ги пуштаат парите на сметка“, вели Дејан Златинов – поранешен рудар
Според адвокатот Ванчо Шехтански судиката од Основниот суд Скопје 2 не го зела во предвид известувањето за парите исплатени од стечајната маса, па донела пресуда во корист на осигурителната компанија, а Дејан треба да плати и 2000 евра судски трошоци. Сега е поднесена жалба до Апелацискиот суд во Скопје. Овој поранешен рудар и неговата сопруга Маја не се откажуваат, велат дека правдата ќе ја бараат и во Стразбур, зошто верба во овдешните институции немаат.
Маја се откажала од работа за да се грижи за Дејан и нивната малолетна ќерка. Синот пред две години ја напуштил државата. Работи во странство. Дејан зема инвалидска пензија и додатоци за слепило, и во тој дел не се жали, но сепак тврди дека се уште има дискриминација кон слепите лица ,а нему му требало многу време да се прилагоди на животот во мрак. Дејан Златинов видот го загуби поради неисправни детонатори. Тогашниот сопственик на рудникот „Индоминерали и метали“ не ја пријави ниту несреќата.