Според Универзитетот Џон Хопкинс, САД го преминале прагот од седум милиони лица инфицирани со коронавирус.
Откако пандемијата на почетокот најсилно ја погоди областа Њујорк, а потоа во текот на летото се префрли во југоисточниот и југозападниот дел од земјата, сега заразата се шири во градовите со многу помала популација во средишниот дел на земјата и тоа најчесто во нејзините конзервативни делови каде голем број жители се противат на носењето маски.
Ширењето на инфекцијата сега предизвикува нови проблеми во болниците, училиштата и универзитетите на Средниот Запад од САД.
Во САД просечно дневно се регистрираат по повеќе од 40 000 нови случаи на Ковид-19. Тој број сега е значително помал од пикот што беше забележан во текот на летото, кога имаше по речиси 70 000 новозаразени дневно, иако и сега се тоа загрижувачки бројки.
Бројот на смртни случаи од коронавирусот во земјата токму оваа недела веќе надмина 200 000, што е највисока бројка во светот.