Консумирањето само еден алкохолен пијалак дневно – без разлика дали тоа е половина литар пиво, чаша вино или чаша од вашиот омилен алкохолен пијалак – може да го скрати вашиот животен век за приближно два и пол месеци, тврди експерт.

Доктор Тим Стоквел од Канадскиот институт за истражување на употреба на супстанции, за „Дејли мејл“ вели дека оние кои пијат значително повеќе алкохол од тоа, околу 35 пијалаци неделно, би можеле да го скратат својот животен век за дури две години.

„Алкохолот е нашата омилена рекреативна ‘дрога’“. Го користиме за задоволство и релаксација, а последното нешто што сакаме да го слушнеме е дека предизвикува штета. Утешно е да се мисли дека некои пијалаци се добри за нашето здравје, но за жал, тоа не е точно“, рекол тој.

Тој истакна дека ниту една количина на алкохол не е безбедна. Неодамнешните студии покажаа дека консумирањето алкохол може да го зголеми ризикот од одредени здравствени проблеми, како што се рак, срцеви заболувања, мозочен удар, заболувања на црниот дроб и многу повеќе, според Центрите за контрола и превенција на болести.

Иако долго време се веруваше дека црвеното вино е добро за вашето срце во умерени количини, тоа не мора да биде така, бидејќи некои студии го покажаа спротивното.

„Способноста за пиење е знак дека сè уште сте здрави, а не причина за добро здравје. Постојат многу начини на кои овие студии даваат лажни резултати кои погрешно се толкуваат така што мислите дека алкохолот е добар за вас“, додал Стоквел.

Сопственото истражување на Стоквел открива врска помеѓу консумирањето алкохол и смртноста од сите причини, што директно се спротивставува на општоприфатеното верување дека само малку алкохол може да биде корисно за здравјето.