Ако Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) на утрешната седница донесе одлука со која ќе се намалат платите на вработените, како што тоа го бара Владата и Министерство за финансии, Синдикалната организација на ФЗО најави дека ќе ја активира одлуката за штрајк, соопшти Синдикатот на УПОЗ.

Во соопштението се повикуваат членовите на Управниот одбор и директорите на ФЗО да не ги доведат граѓаните во ситуација во која нема да можат да остварат ниту едно право од здравствено осигурување, бидејќи, како што се вели, доколку започне штрајкот ниту еден вработен нема да извршува работни задачи по никоја цена.

Синдикалната организација на ФЗО при Синдикатот на УПОЗ, во преговори со раководството на ФЗО и Управниот одбор на ФЗО минатата година постигна договор за покачување на платите на вработените во ФЗО во висина од 15 проценти во неколку фази

– Ова покачување се пролонгираше се до месец декември 2023 година, кога првпат беше исплатено на вработените, за да вработените во ФЗО можат да се усогласат со платите со сродните институции. И покрај постигнатиот договор, Владата на Р. С. Македонија, излегувајќи надвор од своите надлежности и спротивно на законските норми, на седница одржана на 09.01.2024 година, донела Заклучок со која му препорачува на Управниот одбор на ФЗОМ да ги намали платите на вработените и тоа во висина од 21 процент. Доколку Управниот одбор на ФЗО го испочитува ваквиот заклучок на Владата и ги намали платите на вработените, голем дел од вработените ќе ги доведе до состојба да имаат плата под минималната и не само што ќе го прекрши Законот за минимална плата, Општиот колективен договор за Јавен сектор и Законот за здравствено осигурување, туку сите членови на Управниот одбор ќе сносат и кривична одговорност, се наведува во соопштението од Синдикатот на УПОЗ.

Се додава дека просечната бруто плата по вработен во ФЗО е пониска од сите сродни институции, министерствата и администрацијата во здравството и сите објаснувања кои ги дава Владата и Министерството за финансии дека не постојат средства за исплата на платите, стои во соопштението, се нелогични бидејќи во Буџетот на ФЗО има резерва од 1.6 милијарди денари, што е повеќе од доволно за исплата на платите со договореното покачување од 15 проценти.

– Буџетот на ФЗО е издвоен од Централниот буџет, средствата за плати не се предвидуваат од Централниот Буџет туку од Буџетот на ФЗО и никогаш до сега немало ваков проблем и вакво мешање во работата на ФЗО од страна на Владата и Министерството за финансии, соопштија денеска од Синдикатот на УПОЗ.