Проблемот на сексуалниот живот на инвалидите или хендикепираните лица не е нова тема. Во Европа интимната помош за луѓе на кои им е нарушено здравјето постои веќе дваесетина години, а во Чешка се појави дури 2015 година. Тогаш пет асистентки завршија обука и добија сертификат.
Општествената дискусија за тоа како да се поставиме во врска со ова прашање не запира ни денес. Се појавуваат различни инструкции, се спроведуваат и документираат истражувања. Спутник ѝ се обрати на една од сертифицираните сексуални асистентки со молба да ги објасни деталите од својата работа, но и да сподели со читателите каков статус има оваа професија во Чешка.
Многумина сметаат дека интимната помош е еден вид проституција. Какви услуги пружаат асистентките?
Да, некои луѓе навистина така се однесуваат. Но, тука не се работи само за секс. Главно асистентките се занимаваат со специјални видови масажа, пружаат помош при мастурбација, лекуваат прерана ејакулација, помагаат при изборот на сексуални помагала, даваат услуги за мастурбација на клиенти кои имаат инвалидност на рацете и кои не можат да си помогнат себеси за да ја ослободат сексуалната енергија. Секоја асистентка има некои свои можности, некаква посебна вештина.
Знаете, кога во организмот се собира вишок сексуална енергија луѓето стануваат агресивни, зли, раздразливи и тоа води кон понатамошни психички проблеми. Откако личноста ќе се ослободи од вишокот сексуална енергија станува помирна. Ние како асистентки поминуваме низ обука и многу наши клиенти имаат навистина мошне комплицирани проблеми кои не се решаваат така што ние едноставно „ќе ги рашириме нозете“. Луѓето обично не го сфаќаат тоа, ниту го земаат предвид. Знаете, има луѓе кои заради својот хендикеп никогаш немале сексуален однос. Можеби се случува да имаат партнер, но таа врска не е од сексуална природа зашто не можат да практикуваат интимни односи. Таквите лица не знаат многу за сексот, некои баш ништо не знаат за оваа тема. Работиме и со луѓе кои имаат различни видови инвалидитет и со стари лица кои се осамени но им е потребен контакт, како и со ментално заостанати лица.
Дали расте интересот за вашите услуги? Официјалните податоци зборуваат дека постојат само пет асистентки обучени за секс, дали тоа е малку?
Да, тоа е многу малку. Сепак, мора да се земе предвид дека ова сè уште е нов проект, кој е реализиран 2015 година, а уште две години пред тоа беше во подготвителна фаза. Организацијата „Уживање без ризици“ и госпоѓата Луција Шидова вложија многу напори за да заживее овој проект. Требаше да се набават многу дозволи, голем број документи. Ваквите служби во странство постојат повеќе од 20 години, на пример во Швајцарија, Германија, Холандија… Но, за Чешка ова сè уште е еден вид новост. Сексуалната поддршка допрва почнува да добива популарност.
Каква обука мораат да поминат асистентките во Чешка пред да добијат сертификат?
Ние имавме обука заедно со швајцарските инструктори. Паралелно се одвиваа два процеси: одевме во разни институции каде се лекуваат луѓе со различни психички нарушувања. Освен тоа, докторот Петер Ајшнер ни објаснуваше како, да речеме, проблемите со рбетниот мозок се одразуваат на сексуалноста. Нас нè обучуваа и експерти по тантричка масажа, кои впрочем работат со луѓето преку специјални допири. Имавме часови со инструктор од Швајцарија, замислувавме дека сме слепи за да можеме да ја почувствуваме енергијата на личноста до нас.
Секако, секоја асистентка мора да работи и на сопствената сексуалност. Затоа е мошне тешко да се најдат нови почетнички кои би имале волја да ја поминат обуката, зашто е важно секоја од овие асистентки да има добро развиена сопствена сексуалност. Исто така, тоа мора да биде личност која има висока свест за чувство за други луѓе, мора да поседува исклучителна емпатија. Асистентката мора да се однесува кон клиентот како личност која е еднаква, а не да ја гледа како помалку вредна.
Ова дефинитивно не е работа која може да ја извршува секој. Особено е важно да се нагласи дека никого не можете да принудите да се занимава со оваа работа. Многу е важно и тоа што работев со инвалиди и хендикепирани луѓе и пред да преминам во сферата на пружање интимни услуги. Затоа сетоа ова за мене е помалку стресно и тешко.