Странските експерти ангажирани за помош на Клиниката за кардиохирургија не се плаќани 700 евра дневно, како што тврдеше министерот за здравство Илир Демири, туку не повеќе од 200 евра, изјави разрешениот директор Марјан Шокаровски. Тој исто така ги отфрли сомнежите дека експертите немаат лиценци за работа.

„Таа програма е во склоп на Владата. Јас немам конкретни информации за колкави дневници се работи., но не се повеќе од 150-200 евра. Ние сме во секојдневни контакти не само со колеги од Србија туку и од Хрватска. Сите тие колеги кои доаѓаат кај нас апсолутно имаат лиценци, тоа е лесно проверливо во Лекарската комора“, рече разрешениот директор Шотаровски.

Во понеделникот, министерот Демири го разреши Шокаровски, заедно со Александра Ефтимова и целата комисија, која раководи со проектот за превенција на кардиоваскуларни заболувања како и целата комисија бидејќи не му дале извештај на кои странски експерти и за што им се плаќани дневници од 700 евра за учество во работата на Клиниката.Демири тврдеше дека Клиниката плаќа премногу за експерти во услови на зголемена смртност.

На денешната прес-конференција, Шокаровски ги негираше сите обвинувања, вклучувајќи ги и тие за зголемена смртност, наведувајќи дека смртноста всушност се намалува. Тој и вработените тврдат дека разрешувањата се незаконски, бидејќи се извршени од страна на министер на техничка Влада.

Шокаровски истакна дека обвинувањата за 170 фантомски пациенти се неосновани, бидејќи сите пациенти се уредно внесени во интерниот систем на Клиниката со уредна документација, но не и во системот „Мој термин“ поради техничка грешка, која се провлекува со години во Клиниката.Тие сметаат дека обвинувањата се дел од оркестриран напад против Клиниката, со цел да се уништи.