Директорот на клиничката болница Штип, Ален Ѓеорѓијев, утрово посочи дека е направен координативен состанок меѓу лекарите и медицинскиот кадар од Инфективното и Кожното одделение. Целта е Кожното одделение од денеска да биде на располагање на пациентите кои се болни од Ковид-19, а се со полесна клиничка слика и се ден-два пред испишување од болницата.
Координативниот состанок, како што посочи директорот Ѓеорѓијев, е одржан со цел да се утврди точниот начин на работа на кожното одделение, но и како ќе функционираат двете одделенија. Ѓеорѓијев посочи дека попладнево се очекува на ова одделение да бидат префрлени и првите пациенти.
– Попладнето веднаш по визитата на Инфективното одделение се очекува на Кожното да бидат пренесени и првите пациенти. Таму имаме вкупно десет слободни кревети, а за пациентите ќе се грижи комплетно персоналот на Кожното одделение, имаме четворица лекари, пет медицински сестри и по еден болничар и хигиеничар, изјави Ѓеоѓијев.
Во моментов на инфективното одделение хоспитализирани се 53 пациенти, а половината се на кислородна поддршка.