Швајцарското Министерство за здравство соопшти дека земјата е принудена да уништи 10,3 милиони дози од вакцината на компанијата Модерна, против коронавирусот, бидејќи рокот им истекува. Вредноста на вакцините што треба да се уништат е околу 280 милиони швајцарски франци (294 милиони евра).

Според швајцарското Министерство за здравство, 2,5 милиони дози од вакцината сè уште се чуваат во воената логистичка база, а 7,8 милиони се чуваат во магацин во Белгија. Стратегијата на Швајцарија за снабдување со вакцини од почетокот на пандемијата беше да се нарачаат повеќе дози отколку што е потребно за 8,7 милиони жители на Швајцарија.

Швајцарија нарача вакцини против Ковид-19 од различни производители. Во јуни швајцарските медиуми објавија дека земјата има вишок од 38 милиони дози на различни вакцини против коронавирусот, чии рокови ќе истечат пред крајот на годината.