Швајцарија најави дека од понеделник ќе воведе построги мерки против Ковид-19, како дел од напорите на швајцарската влада да се бори да го спречи зголемувањето на бројот на новозаразени луѓе со корона вирусот како и доаѓањето на новата варијанта омикрон во земјата.

Владата соопшти дека државата ќе ги прошири условите за носење маски и ќе воведе Ковид потврди. Маските ќе мора да се носат во затворени простории, каде што ќе важи и обврската за покажување ковид сертификати. Владата ја повтори пораката до граѓаните да работат од дома и ќе дозволи пристап до одредени објекти и собири само на лицата кои се вакцинирани или оздравеле од корона вирусот.

Мерките ќе стапат на сила од понеделник, 6 декември, а ќе важат до 24 јануари.

Федералниот совет ја оценува моменталната ситуацијата како многу критична, се вели во соопштението на владата. Истовремено, во соопштението се вели дека појавата на варијантата омикрон поставува нови предизвици во одговорот на пандемијата. Федералната служба за јавно здравје соопшти дека во Швајцарија веќе се потврдени три случаи на омикрон варијантата, а заразените се ставени во изолација.