Младите лекари не го поддржуваат обидот на Самостојниот синдикат на вработените на скопските клиники да извршат притисок за зголемување на платите во период кога се договорени предвремени избори.
Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, клиничките болници и други јавни здравствени установи денес со соопштение до јавноста вели дека владејачката СДСМ ќе може да смета на гласот на здравствените работници на претстојните парламентарни избори, ако основната плата на специјалистите во терциерното здравство достигне 100.000 денари, и двојно се зголемат платите на останатите здравствени работници.
„Во случај платата на здравствените работници да биде покачена согласно програмата со право ќе го побарате и ќе можете да сметате на гласот на здравствените работници на претстојните парламентарни избори. Синдикатот на Клинички центар јавно ќе побара од своето членство да ја поддржи Вашата политичка опција“, соопшти Синдикатот, и додава дека ако во најкус рок не се реализира ветеното покачување, што е основен предуслов за задржување на здравствените работници во земјата, на почетокот на следниот месец ќе се консултираат со членството за преземање радикални активности.
Од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти велат дека не се согласуваат со ставот на раководството на синдикатот, и дека за вакво нешто од младите лекари немаат поддршка.
„Со ова не само што нема да ги задржат младите лекари во земјава, туку ќе го зголемат револтот и прават поделба во здравствената фела за прашања за кои треба да бидеме единствени. Не сме против барањето за зголемување на платите, но сметаме дека сега не е моментот и НЕ на ваков начин да се врши притисок кога се закажани избори, а досега не се случи никаков протест, ниту пак се преговараше за ова. Сметаме дека каков било протест на закажани избори ќе биде политизирано или од опозицијата или од позицијата, а тргување со гласови на каков било начин е дегутантно“, вели Ненад Лазаров од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, и додава дека се сомнева дека ова е ставот на мнозинството во синдикатот.
Претседателот на Синдикатот Горан Беговиќ пак не гледа ништо спорно во ова нивно барање и вели дека има уште малку време за да се оствари ова нивно ветување.
„Ние само ги потсетуваме на даденото ветување дека основната плата толку ќе се покачи, а не како што ни пресметуваат дека толку била покачена платата со дежурства и ноќен труд. Оваа програмска определба Синдикатот на Клинички центар уште на почетокот во целост ја поддржа. Ако се оствари ќе го повикаме членството да гласа, а ако не, ќе се договориме за протест или штрајк“, вели Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат.