Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска по посета на градинка во Општината Ѓорче Петров, изјави дека иако имаат нови 55 вработени во градинките позитивни на коронавирус за изминатите седум дена и дополнително 19 позитивни деца, состојбата е под контрола.
Градинките и натаму ќе останат отворени, ситуацијата ќе се следи постојано и секоја недела ќе се прават пресеци на позитивни деца и вработени, а нови мерки би можеле да бидат донесени согласно развојот на епидемиолошката состојба, посочи Шахпаска.
– Денеска го правиме пресекот и согласно денешниот извештај имаме нови 55 вработени во градинките позитивни на коронавирусот за изминатите седум дена и дополнително 19 позитивни деца. Состојбата е под контрола и постојано ја следиме. За нас врвен приоритет преставува здравјето пред се на децата, но и на вработените. Доследното почитување на протоколите ја става ситуацијата под контрола, меѓутоа ќе ја следиме епидемиолошката состојба и заеднички ќе носиме одлуки во интерес на граѓаните – рече Шахпаска.