Ако Владата не ги исполни барањата на 11 следниот месец настава нема да има – синдикатот се закани со генерален штрајк, а поддршка вели очекува и од оние наставници кои не се нивни членови.
„Овие 15 дена доколу министерот и министерството не ги искористат да најдеме взаемно прифатливо решение дефинитивно сите основни и средни училишта во Македонија и високо образовни институции ќе бидат во штрајк од 11.11.“ – изјави Јаким Неделков – СОНК.
СОНК е спремен да го следи примерот на своите колеги од клиничкиот синдикат – според претседателот Неделков иако досега не разговарале со совет на оваа тема – сепак доколку би добиле ветување црно на бело од било која политичка партија спремни се да го дадат својот глас. Неделков вели потегот на нашите колеги е европски.
„На ова прашање немаме никогаш размислувано, ниту отворено расправа. Но сметам дека тоа не е лоша опција. Не е лоша опција – доколку некоја политичка опција на хартија ти вети дека во наредниот мандат нивни, ќе ти ги зголеми платите да речеме 4 пати по 20%. Кој член би имало против таква опција?!?!?“ – Неделков.
Од Владата се свесни дека платите на просветните работници се ниски – но според премиерот се прават напори да се најде заедничко решение – Заев упати апел за разбирање од страна на СОНК.
„Ги правиме максимално напорите. Тие ако се откажат од 10 %, фала богу и така тешко ги наоѓаме парите, ако не, не знам, ќе разговараме било што. Ние може да го споделиме и дадеме тоа што можеме да го дадеме, тоа што го нема е букавлно и невозможно. Сакам да испратам порака на разбирање, заради тоа што навистина ние сме свесни дека се ниски платите во образовниот процес, ги правиме просеците и паралелите со соседството, со целиот регион, но дефинитивно капацитетите на државата се токму тие.“ – изјави Заев.
Освен ниските плати просветните работници дополнително се загрижени по најавите за реорганизација на вработените поради сериозен недостаток на ученици, а дополнително во своите барања до Владата и реосрното министерство сакаат и смена и дополнување и на колективните договори за основно и средно образование. Досега во изминатите 2 години, платите на просветните работници се покачени два пати за по 5 проценти.