На неколку дена пред комбајните да влезат во нивите, се уште нема дефинирано откупна цена за пченицата. Мелничарите и земјоделците без договор. Првите нудат пазарна, вторите бараат производствена цена. Оптималната цена од 12 денари за земјоделците, мелничарите нема да ја платат.
- Мелничарите не сакаат да прифатат да има препорачана цена за пченицата како што беше досега и отприлика препорачаната цена се движи плус минус некоја пара за да се знае, нормално сето тоа треба да е со медијаторство на Министерството за земјоделство, вели Ефтим Шаклев, Асоцијација на земјоделци.
- Ние во моментов се соочуваме со феномен, српско брашно влегува на 13 денари, ние во тој случај ќе бидеме неликвидни, немаме додадена вредност од цената која ја купуваме до продажбата на брашното. Не можеме да ги покриеме ни основните трошоци, изјави Николчо Ѓорѓиев, сопственик на млин.
Од мелничката индустрија не донеле конечен став и по најавите дека нема да откупуваат домашна пченица. Сепак тврдат дека нема да ги остават земјоделците на цедило, ама бараат Владата сериозно да ги сфати нивните барања.
- Може да проверите колку брашно дневно влегува од Србија, мора да се откупи македонската пченица, ниедна година не останала, потенцира Ѓорѓиев.
И земјоделците и мелничарите сметаат дека разликата меѓу производствената и пазарната цена треба да ги покрие државата.
Од Министерството за земјоделство велат дека деновиве ќе излезат со производствената цена и другите мерки што ќе ги преземат. Сметаат дека најавата за откуп на 12 милиони килограми од страна на стоковите резерви ќе донесе и повисока цена за оваа стратешка култура.
- Агенцијата за стокови резерви веќе ја започна постапката за објавување на јавен оглас за откуп на домашна пченица На овој начин ќе се мотивираат мелничарите да откупуваат домашна пченица која што потоа ќе ја продадат на Агенцијата за стокови резерви, а воедно ќе се влијае и да се постигне солидна откупна цена на домашното жито. За првпат ќе се пуштат и помали лотови, на коишто ќе можат да конкурираат и земјоделците, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
За земјоделците одлуката за откуп на пченица во стоковите резерви е задоцнета. Затоа што додека да заврши тендерот ќе заврши и жетвата, а примарните земјоделци немаат каде да го складираат производството.
Последниве дождови го уништија оптимизмот на земјоделците од високите приноси, бидејќи ако продолжат врнежите во прашање ќе биде доведен и квалитетот.