Заврши досега најголемиот одржан он-лајн Конгрес на лекари во земјава кој се одржа од 10-ти до 21-ви номеври. На овој едукативен медицински настан, со над 700 учесници и врвни предавачи од сите дејности во медицината, од Македонија и од странство, а во организација на Македонското лекарско друштво, во соработка со Медицинскиот факултет “Св. Кирил и Методиј”, беа презентирани исто толку трудови со актуелни теми за третман и лекување на одделни заболувања.

На Конгресот беа одржани 32 сесии и 7 стручни симпозиуми, а покрај наши предавачи, предавања и активно учество имаа врвни лекари од странство: Турција, Франција, Германија, Израел, Португалија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија… дури и од Вухан – Кина.

Секако, поради актуелната состојба на пандемија предизвикана од COVID 19, голем дел од презентерите се осврнаа и со најнови сознанија, истражувања и третмани на пациентите во лекувањето од овој смртоносен вирус.

Во овие вонредни услови, 20- тиот Конгрес на лекари на Македонско лекарско друштво на овој начин го одбележа и 75-годишниот јубилеј од постоење. Оваа најстара асоцијација на лекари во државата, својата повеќедецениска традиција во дејноста на Континуираната медицинска едукација уште еднаш успешно ја оствари и овој Конгрес уште еднаш беше извонредна можност за стекнување на нови знаења и размена на искуства.

Виртуелната комуникација меѓу досега најголем број на пријавени лекари- учесници барем на кратко им го разведри секојдневието, во коe тие ја водат најголемата битка за спасување на животите на болните од COVID 19.

Сите меѓусебно си посакаа добро здравје и наредниот Конгрес на лекари на МЛД да се одржи во нормални услови и со дружење во живо.

По одржувањето на овој Конгрес на лекари кој со сигурност е од голема важност, КУРИР разговараше со проф.д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.

Тој истакнува дека од електронскиот Конгрес на лекари е задоволен и оцени дека ефектот и придобивките се големи.

Дали сте задоволни со одржаниот, електронски Конгрес на лекари во овие улови на Пандемија од КОВИД 19­?

-Презадоволен сум, бидејќи бројката на регистираните учесници е навистина импозантна и 700-те учесници, како и наши еминантни и странски предавачи, се доказ дека Македонското лекарско друштво ја одржува традиционално едукацијата на лекарите во земјава. Бидејќи Конгресот го организиравме во соработка со Медицинскиот факултет “Св. Кирил и Методиј”, забележително беше и учество на специјализантите кои во оваа прилика навистина имаа што да научат, истакна Димитров.

Какви се ефектите од одржаниот Конгрес?

-Ефектот и придобивките од одржаниот XX Конгрес на лекари на МЛД се навистина големи, бидејќи стекнатите знаења и размената на искуствата, особено сега, во услови на Пандемија од КОВИД 19, немаат цена. Неможноста за одржување на настани од Континуирана медицинска едукација во “живо”, он лајн опцијата како варијанта за стекнување на нови знаења и размената на искуствата се покажа како ефикасна, и пред се интересна за сите учесници и слушатели. Виртуелното “дружење” и покрај вонредните ангажмани на лекарите во услови на Пандемија, ги собра лекарите од сите дејности на едно место, кои со голем интерес ги следеа речиси сите сесии и стручни симпозиуми. Предавањата беа проследени со богати дискусии кои беа најдобар филтер на презентираните и стекнатите знаења и искуства, истакна професор доктор Горан Димитров во разговорот за КУРИР.