Министерот за здравство Арбен Таравари го чека извештајот од стручната Комисија што беше формирана на Клиниката за детски болести, а во врска со случајот со тримесечното бебе со модринки по телото на оваа клиника, за да може да каже што се случило иако како што вели вчера бил брифиран од директорот Реџеп Мемеди.
Според Таравари, преземени се одредени дисциплински мерки кои се надева дека ќе се ефектуираат, а за медицинскиот кадар вели дека треба да биде многу внимателен со сите пациенти, а посебно со децата без разлика на етничката припадност.
„Се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а доколку се повтори тогаш мислам дека треба веднаш да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека тоа е намерно направено нема. Да бидеме внимателни, да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник кој е подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимателни, очекувам писмено да ги прочитам сите констатации на Комисијата од Клиниката, па ќе ве известам“, рече Тарвараи денеска во одговор на новинарско прашање.
Прашан дали дисциплинската постапка се води за едно лице или и за болничар од Клиниката, Таравари даде потврден одговор за медицинската сестра, но додаде дека чека писмен одговор од Клиниката.
Во однос на посетата на семејството на бебето, што Таравари ја имаше во петокот, и дали тоа било исправна одлука без да се спроведен постапка и проверка на сите информации, тој рече дека потегот бил правилен.
„Апсолутно. Ќе продолжам и ќе го посетам секој пациент што ми пишува и лично и на броевите на вибер и ватсап што ги имаме во министерството за пријави. Ние треба да постапуваме, да бидеме секогаш со пациентите, меѓутоа и со здравствените работници. Така да ќе продолжам и понатаму. Освен трите или четирите мобилни екипи сигурно дека ќе бидам присутен и јас секаде каде што гледам дека има некаква или сигурна неправилност од медицинскиот персонал или сомнеж за нерегуларно работење на медицинските работници“, одговори Таравари.
Случајот со тримесечното бебе за кое семејството тврди дека е малтретирано од медицинска сестра од Клиниката за детски болести и се здобило со модринки по телото се разгледува од стручна Комисија при Клиниката.
Формирањето на комисијата во саботата го најави директорот на Клиниката за детски болести.
Вчера, директорот на Клиниката Реџеп Мемеди рече дека откако Комисијата ќе заврши со разгледување на случајот тогаш ќе излезат со информации во јавноста.
Министерот за здравство Арбен Таравари заедно со директорот на Клиниката го посетија семејството на детето. Оттаму Таравари потврди дека тоа е повредено и оти има модринки по рацете. Рече дека ќе се преземат мерки против секој кој постапил несоодветно.
Случајот со бебето кое се здобило со повреди за време на престојот на Клиниката за детски болести вчера го објави порталот „Икс“.