Министерот за здравство Венко Филипче, денеска информираше дека во текот на вчерашниот ден потврден е четврти случај на заразен со делта сој на коронавирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни. Пациентот се наоѓа на лекување во велешката болница и е со лесна клиничка слика. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, изјави Филипче.

За суспектните четворица пациенти, до вечер ќе се знае дали се заразени со индиската варијанта на вирусот или не. Министерот информираше и дека новозаразените случаи не се епидемиолошки поврзани едни со други.

– Скринингот, кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје лабораторијата на МАНУ, ја исклучува британската варијанта на вирусот. Што значи, секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој, соопшти Филипче.

Министерот уште еднаш го соопшти ставот на Комисијата за заразни болести дека засега не се планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но напомена дека деновиве ќе го разгледаат уште еднаш ова прашање.

– Ова прашање се постави за време на вчерашниот состанок на Комисијата и ќе го евалуираме во текот на оваа недела. До крајот на оваа недела, најкасно почеток на следната недела ќе заземе став. Грција е единствената земја во регионот која бара ПЦР тестови, потврди за вакцинација и единствената земја во која има пораст на случаи. Значи дека мора да бидеме внимателни кога ги носиме мерките за да вистински служат и да штитат таму каде што треба, рече Филипче, кој напомена дека во повеќе од 100 земји веќе е регистриран делта сојот на вирусот.