Отфрлање на планот за реорганизација на „Фени Индустри“ бара невладината Транспаренси Интернешнел. Според претседателката Слаѓана Тасева, мониторингот утврдил дека во планот има сериозни повреди и низа незаконитсти. Ги повика државните институции – Судскиот совет, Финансиската полиција и Јавното обвинителство, да преземат мерки во рамки на своите надлежности за да ги испитаат сите незаконитости.
Тасева рече дека невладината го гледа интересот на земјава и тоа дека сега некој прави криминал со оваа стечајна постапка. Вели дека според сегашниот договор, работниците биле ставени под закуп како да се предмети.
– Очекувам, ако вака остане состојбата, дека Фени нема да трае подолго од септември или декември оваа година. Тие вработени ќе останат на улица. Овој гигант ќе биде прогласен за нерентабилен и Македонија ќе го изгуби Фени – рече Тасева.
Пред околу една недела, „Глобал Спешал Опортјунитис ЛТД“, која ги презела побарувањата од доверителот, до судот во Велес го поднела планот за реорганизација, односно 12 дена по истекување на рокот.
дека треба да се отфрли планот, Тасева рече дека на одборот на доверители директорката на УЈП, како доверител, гласала против.
На новинарско прашање зошто застапува интереси на компанија која претходно е прогласена за коруптивна, Тасева одговори дека тие само постапуваат по претставка и тоа не значи дека застапуваат нечии интереси.
Прашана за обвинувањата од вицепремиерот Кочо Анѓушев повеќе да работат на тоа како дошло до оваа стечајна постапка, Тасева рече дека постапувањето на тоа што било претходно е работа на институциите што ги контролираат оние кои сега се на власт.
– Нека работат институциите да видат што било вчера. Нашата работа е да ја следиме работата на оваа влада. Тоа никогаш не и се допаѓало на ниту една влада, ама тоа е нашата работа и ќе продолжиме да го правиме. Наше е и денеска да не се краде, рече Тасева.
Посочи дека сите овие документи ќе ги достават до институциите.