Од изутрина досега, екипите на Итната медицинска помош интервенираа кај 30 случаи. Бројот на повоци се зголемува поради топлото време, а пациентите се жалат на болки во главата, градите и на зголемен крвен притисок. Раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало, во изјава за македонските медиуми посочи дека се регистрираат мозочни удари, сообраќајни несреќи, а се активираат и хроничните состојби.

– Телефоните во Службата за Итна медицинска помош постојано ѕвонат. Здравствени совети граѓаните можат да побараат на линијата 02 15123 на „Ало докторе“ или на матичен доктор и да не ја оптоваруваат линијата 194 со работи кои не се итни, истакна Бубало.

Поради високите температури во портокалова фаза од Министерството за здравство потсетија и на општите мерки за заштита на здравјето, односно во текот на овие екстремно топли денови, граѓаните треба да останат повеќе време во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

Во однос на исхраната, од Министерството за здравство апелираат и да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Доколку се излегува надвор да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари, се вели во препораките.