Центарот за социјални работи во Куманово изминатите денови е под опсада од граѓани кои доаѓаат да се пријават или да подигнат платежна картичка, мерка што ја најави Владата за ублажување на последиците од коронавирусот. Иако тоа не е во надлежност на оваа установа, педесетина граѓани, главно кои примаат социјална помош, во секое време од денот се туркаат пред вратата и на скалите во зградата и сакаат да влезат во канцелариите. Тоа го попречува нормалното одвивање на работата, па вчера надлежните побарале асистенција од полицијата за да го регулира метежот. Најголем дел од граѓаните не носат заштитна маска и речиси никој не ја почитува мерката за социјална дистанца.
„Секојдневно на граѓаните им даваме информации дека не треба дополнително да бидат евидентирани кај нас, дека нема да бидат доставувани списоци од нашата установа, ниту пак вршиме дистрибуција на вакви картички. Меѓутоа, и покрај сите наши напори, наидуваме на сериозен проблем со нашите сограѓани. Веќе побаравме и интервенција од МВР, бидејќи имаме и обиди за насилно влегување во институцијата. Почнаа и да се закануваат на вработените. Не можеме ни да влеземе, ни да излеземе од установата“, кажува Александра Aрсовска, директорка во Центарот за социјална работи во Куманово.
Дел од граѓаните велат дека знаат дека картичките не се делат во Центарот и дека само дошле да се информираат каде треба да се пријават, за да не останат без ваков вид на помош.
Арсовска објаснува дека Министерството за труд и социјална политика ги има во евиденција сите корисници на гарантиран минимален приход и право на социјална заштита.
„Оние кои влегуваат во оваа уредба ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата, од каде што истите ќе бидат проследени до банките, кои имаат обврска да ги контактираат лицата и платежните картички да им ги достават на домашна адреса“, вели Арсовска.
Со владината мерка за помош на ранливите семејствата погодени од коронавирусот, околу 100.000 граѓани ќе добијат платежна картичка вредна 9.000 денари за купување на македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите невработени лица и баратели на работа кои немаат приходи над 15.000 денари месечно, како и за иматели на гарантирана минимална помош. Платежната картичка ќе може да се користи во период од 30 дена.