Гневни на институциите, но и на несовесните возачи кои со огромна брзина возат по улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, стотина жители од ова населено место, вчера вечерата ја блокираа улицата со голем број контејнери, поради што неколку часа улицата беше затворена за сообраќај. Револтот на граѓаните ескалираше откако 10-годишно момче беше прегазено токму на оваа улица, која поминува пред Основното училиште „Мирче Ацев“.
Според последните информации детето кое беше прегазено на Борис Сарафов во моментов е во стабилна состојба, која интензивно се следи од страна на докторите од Клиниката за неврохирургија. Сепак, како последица на сообраќајната несреќа детето се здобило со скршеница на черепот и тежок потрес на мозокот.
На местото на несреќата излегла и полицијата за да направи увид, но според неофицијални информации, припадниците на МВР брзо го напуштиле местото затоа што немало услови за работа поради насобраните демонстранти.
Инаку, тамошното население, бара итно поставување на соодветна патна сигнализација на улицата, како и „легнати полицајци“, поради кои, токму ваквите несовесни граѓани кои возат со неприлагодена брзина, би биле принудени да возат полека.
Ѓорчепетровци под мотото „Сакаме безбедни улици за нашите деца“, преку социјалните мрежи се организираат за како што велат што поголема масовност на протестите кои ќе следат. Тие најавуваат дека секој ден, точно во 18 часот, ќе се собираат пред Основното училиште „Мирче Ацев“, во знак на револт кон надлежните институции, кои со години наназад никако не можат да најдат соодветно решение и да им стават крај на дивеењата на несовесните возачи по оваа скопска сообраќајница на која постојано има деца.
Од Град Скопје, пак, информираат дека, досега неколкупати барале од МВР одобрување за поставување на семафори на посочената локација. Како што велат од Град Скопје, ваквото барање досега неколкупати било одбивано, но минатата недела во петокот, решението наишло на одобрување од страна на МВР.
– Откако добивме одобрување за поставување на семафор од страна на МВР на посочената локација, семафорот ќе биде поставен во најкраток можен рок во непосредна близина на Основното училиште „Мирче Ацев“ – информираат од Град Скопје.
Инаку, ова не е прв случај дете да настрада од удар на автомобил токму во близина на ова Основно училиште, но не е ниту прв протест кој ѓорчепетровци го организираат за да стават крај на несовесното возење.
Имено, на почетокот на октомври минатата година, родителите на децата кои секојдневно посетуваат настава во Основното училиште „Мирче Ацев“ и кои секојдневно се принудени да ја поминуваат улицата Борис Сарафов, протестираа за решавање на состојбата со несовесните возачи.
Тогаш Град Скопје и Општината Ѓорче Петров изведоа нов сообраќаен проект со поставување на технички средства за смирување на сообраќајот и поставени беа нови сообраќајни знаци за предупредување и известување за сите учесници во сообраќајот дека во близина има училиште. Општината и Градот тогаш изразија надеж дека новопоставените сообраќајни решенија ќе ја подобрат ситуацијата на терен, но немилата случка од пред неколку дена покажа дека несовесните возачи повторно не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.