Хотелиерите и угостителите бараат час поскоро да се намалат давачките кон Здружението за заштита на авторски музички права за пуштање музика и организирање живи свирки.

Реагираат на превисоките тарифи кон ЗАМП. Тие велат дека не се против плаќањето, но за висината на надоместоците мора сериозно да се разговара.

Финансиските оптоварувања согласно Предлог – правилникот за користење авторски музички дела не поклопуваат на економската ситуација во земјата, како и куповната моќ на граѓаните. Затоа бараат нивно намалување и ЗАМП јавно да соопшти каде се трошат собраните пари од надоместоците.

– Здружението за угостителство и туризам нема да толкува дали треба или не да се плаќа. Законот за авторско право и сродните права е право кое ги дефинира правата на уметниците и тоа е право рамно на устав. Ние нема да навлегуваме во тоа зошто да се плаќа. Законодавецот тоа го одредил. Она што Здружението за угостителско и туризам го бара е да има реално зафаќање и соодветни трошоци кои нема да бидат преголемо оптоварување за угостителите, истакна Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија.

Хотелите и угостителите, според здруженијата, се подготвени да плаќаат реален трошок за авторски и музички права. Бараат намалување за половина на вредноста на пресметковниот бод, но и увид како се распределуваат наплатените средства, што засега ЗАМП не го прифаќа. Само лани од концерти и забави, ЗАМП инкасирал приход близу 800.000 евра.

Се уште нема детален извештај на кои субјекти им се исплатени овие средства, ниту има информација колку од хотелите и угостителските објекти подлежат на плаќање давачки кон ЗАМП.

Последниот извештај на ЗАМП покажува дека приходите од наплата за апарати за механичка музика и дел за жива музика драстично зголемени. Во моментов рестораните за свадби и други забави со жива музика плаќаат 1/3 од вкупниот приход за организирање на настаните, а хотелите според големината, а не според искористеноста на капацитетите.

Инаку, од обврската за плаќање на авторските права ослободени се таксистите, галериите, музеите, одморалиштата и трговските центри.