Уште едно дете со дијабетес од Охрид, со возило на Брза помош е донесено на Детската клиника. Лекари потврдуваат дека станува збор за 6-годишно дете со новооткриен дијабетес, кое во стабилна состојба било испратено од Општата болница во Охрид.
Ова е четврти случај на дете со дијабетес на Клиниката за детски болести за само една недела. Завчера на Клиниката беше донесено 14-годишно девојче од Охрид во тешка здравствена состојба и веднаш било препратено на КАРИЛ. Претходно биле примени уште две деца, едно деветгодишно од Гевгелија и четиригодишно од Свети Николе, кои не биле во критична состојба.
Дали има пропусти во дијагностиката, од Државниот здравствен и санитарен инспекторат најавија дека во тек е вонреден инспекциски надзор кај матичните лекари на децата, како и во општите болници од кои тие деца се препратени пред да бидат донесени на Детската клиника. Деновиве треба да бидат готови извештаите кои треба да ги потврдат или негираат сомнежите на Баланс МК, кои обвинија на пропусти во откривањето на дијабетот.