Иако пред неколку дена се најавуваше дека вакцинацијата против сезонски грип ќе започне до крајот на неделата денеска министерството испрати информација дека ќе почне на 5 ноември (понеделник) во центрите за јавно здравје низ државата.

Оваа година вакцината против грип доколку сакаат граѓаните да се вакцинираат ќе биде поскапа од лани за 200 денари, со образложение дека ќе биде поквалитетна односно станува збор за четиривалентна вакцина. Затоа граѓаните оние под 65 години доколку сакаат да се вакцинираат, ќе треба да си платат за вакцина од свој џеб, која ќе ги чини 600 денари.

Вакцинацијата ќе биде бесплатна за лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија, како и за оние без пензија.

Обезбедени се вкупно 28.000 дози вакцини за заштита од сезонски грип за 2018/2019 година.

Станува збор за четиривалентната најнова вакцина против грип, која заштитува од четири видови инфлуенца и е во производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.