Ноќеска во два часот по полноќ со поместување на стрелките за еден час нанапред започнува летното сметање на времето. Тоа значи дека времето во 02 часот наутро ќе се смета како 03 часот наутро.
Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ.
Луѓето секогаш барале начин максимално и најдобро да го искористат долгиот летен ден за своите активности. Така, во античко време, особено во Римската империја, 12-те часови на денот, во зима траеле пократко, околу 45 минути, во лето подолго, околу 75 минути. Ваквиот систем на нееднакви часови во некои делови на Европа се задржал и во Среден Век. Во овој период, се до 19-тиот век во употреба е т.н. локално време, односно секое место или помала област си имале свое посебно месно време. Но со развојот на индустријата, сообраќајот, трговијата и др., кон крајот на 19-тиот век, непрактичното локално време се заменува со т.н. зонско време, со кое Земјата е поделена на 24 временски зони. Почетната или нултата зона е Гриничката или западноевропската, на исток е првата или средноевропската (во која е и нашата држава), потоа е втората или источноевропската (во Грција, Бугарија), по неа е московската зона итн. Во секоја следна зона, од запад кон исток, времето се поместува за еден час, за да одговара со реалната состојба на дневната светлина или на ноќта.
Инаку, летното сметање на времето кај нас е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Во Република Македонија не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.
Летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 03 часот, со поместување за еден час наназад, времето во 03 часот се смета како 02 часот.