По 12 недели од примањето на првата доза вакцини против Ковид-19, околу 15 000 македонски граѓани ќе се ревакцинираат викендов на Белградскиот саем и во Ниш. Во меѓувреме тече и слободното имунизирање на останатите македонски граѓани на вакциналните пунктови во Србија.
Зоран Бекиќ, директор на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем во изјава за медиумите посочи дека во сабота очекуваат 8000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5000. Работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот, а слободното вакцинирање без закажување се спроведува на сите 225 пунктови во Србија, додаде Бекиќ.
Во понеделник од здравствениот центар во Ниш наведоа дека од 18 до 21 јуни се очекува голема гужва, кога е терминот за повторна вакцинација на 5 700 македонски граѓани кои во март во Србија ја примија вакцината Астра Зенека. Точниот број на вакцинираните македонски граѓани во Србија, според тогашната изјава на министерот за здравство Златибор Лончар изнесува околу 15 000 лица.