По повод Светскиот ден на бубрегот, во организација на ЈЗУ Универзитетската клиника за Нефрологија, традиционално започнувајќи од 2006 година, под различно мото, се акцентираа најзначајните проблеми со кои се соочуваат пациентите со бубрежни заболувања, но и предлози за нивна превенција.
Директорката на Клиниката за нефрологија, Ирена Рамбабова Бушљетиќ рече дека изминатите неколку години видовме дека големите настани, како што беше корона пандемијата, имаат големо влијание врз пациентите со бубрежни заболувања и колку е важно да имаме екипиран здравствен систем.
– Се смета дека 8 до 10 отсто од општата популација има одреден степен на хронична бубрежна болест. Во раните стадиуми болеста е без симптоми, се случува тивко. Без редовни превентивни прегледи, пациентите не знаат дека воопшто ја имаат таа состојба. Најчести причини за бубрежна болест се покачениот крвен притисок (артериска хипертензија) и дијабетесот. Со нивно навремено и правилно лекување, ќе спречиме развој на хронична бубрежна болест“, посочи директорката.
Таа соопшти дека во земјава бројот на пациенти кои имаат потреба од хроничен хемодијализен третман се движи помеѓу 1.300 и 1.600 пациенти. Бројот на пациенти со трансплантиран бубрег изнесува 250, а 2021 година е година со најголем број изведени трансплантации од починат дарител – 16 и тоа во услови на функционирање на здравствениот систем во ковид пандемијата, информираше Бушљетиќ.
Во периодот од 2020 до 2022 година направени биле вкупно 62 трансплантации на бубрег, од кои во 30 случаи бубрези се добиени од починат дарител.
– Листата на чекање за трансплантација на бубрег се движи од 130 до 160 пациенти, бројката е променлива заради тоа што се врши постојано обновување на испитувањата на потенцијалните приматели на бубрег, информираше директорката на Клиниката за нефрологија.